Излезе од печат новиот број на епархиското списание „ОГЛЕДАЛО“ – посветен на големиот јубилеј „50 години возобновена автокефалност на Охридската архиепископија како Македонска православна црква (1967 – 2017)“

По милоста Божја Ве информираме дека со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф – излезе од печат новиот број, т.е. двоброј 8/9 од епархискиот гласник на Тетовско-гостиварската православна епархија – списанието „ОГЛЕДАЛО“.

Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф по повод излегувањето од печат на овој нов број упати поздравно слово до сите читатели на списанието, а истиот интегрално ви го пренесуваме:

ПОЗДРАВНО СЛОВО ДО ЧИТАТЕЛИТЕ НА СПИСАНИЕТО „ ОГЛЕДАЛО“

Почитувани наши читатели,

Пред три години, во месец март 2014-тата година се радувавме на првиот број од епархиското списание на новоформираната Тетовско-гостиварска епархија, а денес повторно ми претставува голема чест и задоволство, како надлежен архиереј, да Ви го претставам новиот број на списанието „ Огледало“ , кој по милоста Божја е посветен на големиот јубилеј „ 50 години возобновена автокефалност на Охридската архиепископија како Македонска православна црква (1967 – 2017)“ .

Во ова ново издание направивме мали измени во содржината и во изгледот – со што на списанието му даваме еден нов воскресенски сјај. Покрај вообичаените теолошки содржини, во овој број отстапивме простор и за содржини од повеќе области, како и за епархиските вести и настани, сѐ со цел сестрано да ги запознаеме нашите верници и читатели со нашето неисцрпно и богато духовно богатство, преку значајните научни истражувања на наши еминентни професори, свештеници и теолози. Искрено се надевам дека овој број ќе им овозможи на многумина, кои се жедни за духовно просветление – низа знаења, кои ќе им биде од голема духовна полза на патот кон спасението.

Ја користам оваа прилика од мое име, како главен и одговорен уредник на списанието, и од името на редакцијата особено да им се заблагодарам на сите, кои на било каков начин дале свој придонес за излегувањето од печат на овој број.

И за на крај, нека овој наш скромен труд биде еден сосема мал подарок подарен во наследство на нашата Светиклиментова мајка црква.

Ви посакувам духовно насладување и просветление, читајќи го овој нов број на православното списание „ Огледало“ .

 

Со архипастирски благослов,

Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски


 

Во овој број ќе читате:

    o
  1. o

    Предговор:

    o

Поздравно слово до читателите на списанието „ Огледало“ – г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски

    o
  1. o

    Тема на бројот: Историја на Македонската православна црква – Охридска архиепископија:

    o

Прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква на Третиот македонски црковно-народен собор (Охрид, 17-19 јули 1967) – г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски

Асномска Македонија и црковното прашање (1943-1945) – проф. д-р Виолета Ачкоска

По повод 250 години од укинувањето на Охридската архиепископија (1767-2017) и 50 години од прогласувањето на автокефална МПЦ (1967-2017) – проф. д-р Драган Зајковски

Македонска православна црква – Охридска архиепископија – проф. д-р Дејан Борисов, ѓакон

Историска галерија: МПЦ – ОА низ времето – дипл. теолог Петар Петковски

3 – Историја на Протестантството во Македонија:

Евангелското приватно училиште во Струмица под јурисдикција на Министерството за јавна просвета на Царството Бугарија (1913-1918) – презвитер д-р Стоил Димитриев

4 – Археологија:

Петар Флавиј Сабатиј Јустинијан, Таор и Бадер – проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс

5 – Црковна уметност:

Графичката икона на свети Георгиј Јанински од црквата во Кичиница – проф. д- р Сашо Цветковски

6 – Теолошки теми:

Теологијата на исихазмот, квинтесенција на доцновизантиската богомислена култура (XIV и XV век) прв дел – проф. д-р Стефан Санџакоски, протопрезвитер

Православната црква и некои од современите биоетички проблеми – презвитер Александар Стојаноски

Кумството во Црквата (втор дел) – дипл. теолог Петар Петковски

7 – Вести и настани од епархијата:

Вести и настани од Тетовско-гостиварската епархија – Синиша Георгиев

Списанието е бесплатно и можете да го најдете во храмовите на Тетовско-гостиварската епархија, на веб – страната на епархија (http://tge.mk/ogledalo), како и слободно електронски да го превземете на следниот достапен линк (http://tge.mk/vesnici/Ogledalo8.pdf).

Повеќе информации за списанието, како и сите Ваши забелешки, коментари, критики, пофалби да ни ги испраќате на tgeogledalo@gmail.com.

Огледало“ претставува православно списание, кое сoдржи најразлични современи духовни теми, кои се поврзани со православната вера, култура, образование и наука, кои се најнеопходни во црковната мисија за просветлување на православниот човек. Исто така списанието содржи најнови вести од епархискиот живот. Тоа е плод на веќе низата проекти на Епархискиот црковно-просветен совет при епархијата.

На крај, на Редакцијата на списанието „ Огледало“ им честитаме и им посакуваме уште плодна и успешна работа во иднина.